Фридрих Енгелс
Потеклото на семејството, приватната сопственост и државата


Предговор кон четвртото издание 1891

Поранешните изданија на овој спис во голем тираж се речиси пред половина година разграбени и издавачот[1] веќе од подолго време посака да му подготвам ново издание. Поналожителни работи ме попречуваа досега во тоа. Од појавувањето на првото издание изминаа седум години за кои познавањето на првобитните форми на семејството има направено значителни чекори напред. Требаше, значи, прилежна работа за многу поправувања и дополнувања; и тоа толку повеќе што стереотипизирањето кое е цел на сегашниот текст ќе ги оневозможи за некое време понатамошните измени.[2]

Затоа сиот текст го подложив на грижлив преглед и направив низа додатоци, со кои, се надевам, доволно е земена предвид денешната состојба на науката. Понатаму давам во продолжението на овој предговор краток преглед на развитокот на историјата на семејството од Бохофен до Морган; и тоа главно затоа што шовинистички затемнета англиска предисториска школа сѐ уште презема најмногу што може за да го замолчи пресвртот што настана во предисториските погледи со откритијата на Морган, при што сепак не се срами никако да ги присвои Моргановите резултати. А и на други места премногу се поведуваат по овој англиски пример.

Мојов труд е преведен на разни странски јазици. Прво на италијански: L’origine delta famiglia, delta proprieta privata e dello stato, versions riveduta dall’autore, di Pasquale Martignetti, Benevento, 1885. Потоа на романски Origina famdei, proprietatei private si a statului. Traducere de Joan Nadeide, во јашкото списание „Contemporanul", септември 1885 до мај 1886. Потоа на дански Familjens, Privatejendommens og Statens Oprindelse, Dansk, af Forfattern gennemgaaet Udgave, besorget af Gerson Trier, Kobenhavn, 1888. Во печат е преводот на Анри Раве според сегашното германско издание.

***

До почетокот на шеесеттите години не може да стане збор за историја на семејството. Историската наука во таа област стоеше уште сосема под влијанието на петкнижието на Мојсеј. Патријархалната форма на семејството, опишана поподробно во тие книги отколку на друго место, не само што се земаше без оградување за најстара форма, туку -- без земање предвид полигамијата -- се идентификуваше со денешното буржоаско семејство, така што семејството, всушност, немало направено никаков историски развиток; во најдобар случај се допушташе дека во првобитно време можел да постои период на нерегулирани полови односи: -- Вистина, освен моногамијата беше позната и ориенталната полигамија и индиско-тибетската полиандрија: но овие три форми не можеа да се наредат во историска последователност и постоеја еднододруго без заемна врска. Дека кај одделни народи од постарата историја, како и кај некои дивјаци што сѐ уште постојат, потеклото не се смета по таткото, туку по мајката, така што женската линија се сметала како единствено важечка; дека кај многу денешни народи е забранет бракот во рамките на определени поголеми, тогаш поблиско неистражени, групи и дека тој обичај се наоѓа во сите делови на светот -- овој факт беше, вистина, познат и се присобраа сѐ повеќе податоци за тоа. Но не се знаеше што да се почне со нив, па уште дури во Researches into the Early History of Mankind, etc. etc. (1865) на Е. Б. Тејлор тие фигурираат просто како „чудни обичаи" покрај забраната која важи кај некои дивјаци дрвото што гори да не смее да се допре со железно орудие и со слични религиозни бабини деветини.

Историјата на семејството почнува од 1861 година со објавувањето на Бахофеновото „Мајчинско право". Авторот таму ги поставува следниве тврдења: 1. дека луѓето во почетокот живееле во полови односи без какви и да е ограничувања кои тој ги означува со несмасниот израз хетеризам; 2. дека таквото општење исклучува какво и да е сигурно утврдување на татковството, дека, затоа, потеклото можело да се смета само по женска линија, и дека така и било првобитно кај сите народи од старо време; 3. дека следствие на тоа на жените, како на мајки, единствените со сигурност познати родители на младата генерација, им се укажувало во голема мера почитување и уважување кои, според Бахофеновото сфаќање, се развиле до полно владеење на жените (гинекократија); 4. дека преодот кон моногамија во кој жената му припаѓала исклучително на еден маж во себе вклучувал повреда на прастарата религиозна заповед (те. на фактичката повреда на исконското право што го имаат останатите мажи на иста жена), повреда што требало да се окае, или чие толерирање требало да се искупи со подавање на жените на други за извесно време.

Докази за овие тврдења Бахофен наоѓа на безбројни, со крајна прилежност изнасобрани, места од класичната литература. Развитокот на „хетеризмот" кон моногамијата и од мајчинското право кон татковското се одвива, според него, особено кај Грците, следствие на понатамошниот развиток на религиозните претстави, со воведување на нови божества, претставници на новите сфаќања, во традиционалната група богови, претставници на старите погледи, така што првите ги потиснуваат сѐ повеќе последните во заднина. Значи, според Бахофен, развитокот на фактичките животни услови на луѓето не ги предизвикал историските промени во заемната општествена положба на мажот и жената, туку религиозниот одраз на овие животни услови во главите на тие исти луѓе.

Според тоа, Бахофен ја прикажува Есхиловата „Орестија" како драмски опис на борбата меѓу мајчинското право што пропаѓа и татковско право што се јавува и победува во херојското време. Клитимнестра заради својот љубовник Егист, го убила својот сопруг Агамемнон, кој се вратил од тројанската војна; но нејзиниот син Орест го одмаздува убиство на татко си, убивајќи ја својата мајка. Затоа го прогонуваат Ериниите, демонските заштитници на мајчинско право, според кои убиство на мајката е најтешко и неопростиво злостор. Но Аполон, кој го поттикнал Орест на ова дело со своето оракулство, и Атина, која била повикана како судија -- двете божества кои овдека го застапуваат новиот, татковски правен поглед -- го заштитуваат; Атина ги сослушала обете страни. Целото прашање на спорот било резимирано накусо во дебатата, која се одвива меѓу Орест и Ериниите. Орест се повикува на тоа дека Клитимнестра сторила двоен злостор: го убила своја маж, а со тоа и неговиот татко. Зошто тогаш Ериниите го прогонуваат него, не неа, каде-каде повиновната? Одговорот е поразен:

„Таа не била во крвно роднинство со човекот што го убила."

Убиство на маж што не е во крвно роднинство со убиецот, ако е дури и нејзин сопруг, може да се откупи, не ги засега Ериниите; нивната должност е само прогонување за убиствата меѓу крвните роднини, а од нив според мајчинско право, е најтешко и неопростиво убиство на мајката. Но сега како бранител на Орест настапува Аполон; Атина им налага на Ареопагитите -- атинските поротници -- да гласаат; гласовите се еднакви за ослободување и за осудување; тогаш Атина, како претседателка, го дава своја глас за Орест и го ослободува. Татковско право однесе победа над мајчинско право. „Боговите на младото поколение", како ги нарекуваат самите Еринии, ги победуваат Ериниите, а овие најпосле се согласуваат да ја преземаат во служба на новиот поредок новата должност.

Ова ново, бездруго, правилно толкување на „Орестија", е едно од најубавите и најдобрите места во сета книга, но тоа истовремено докажува дека Бахофен верува во Ериниите, Аполон и Атина барем толку колку во свое време и Есхил; тој имено верува дека тие во грчкото херојско време направиле чудо: го собориле мајчинско право со помош на татковско право. Јасно е дека таквото сфаќање каде што религијата важи како решавачки лост на светската историја, мора најпосле да заврши во чист мистицизам. Поради тоа, пробивање низ обемната Бахофенова книга во кварт-формат е работа мачна и не секогаш благодарна. Но сето тоа не ја намалува неговата пионерска заслуга; тој прв, ја замени фразата за некоја непозната прасостојба со нерегулирани полови односи со доказот дека старокласична литература ни укажува на множество траги според кои пред единичниот брак навистина постоела кај Грците и Азијатите состојба во која не само што маж полово општел со повеќе жени, туку и жена со повеќе мажи а со тоа да не се навредувал моралот; дека овие обичаи не исчезнале без да остават трага во ограничено подавање, со кое жените морале да го откупат право на единичен брак; дека, значи, потеклото можело првобитно да се смета само по женска линија од мајка до мајка; дека оваа исклучителна важност на женска линија се одржала уште долго во времето на единичниот брак со установено или барем признато татковство; и дека оваа првобитна положба на мајките, како единствени сигурни родители на своите деца, им осигурал на мајките, а со тоа воопшто на жените повисока општествена положба отколку што оттогаш кога и да е повеќе ја имале. Овие поставки Бахофен, бездруго, не ги искажал мошне јасно -- во тоа му пречело неговото мистичко гледање. Но тој ги докажал, а тоа во 1861 година значеше целосна револуција.

Бахофеновата дебела книга беше напишана на германски, те. на јазикот на нацијата, која дотогаш се занимаваше најмалку за предисторијата на денешно семејство. Поради тоа остана непозната. Неговиот најблизок следбеник на ова поле се појави во 1865 година а за Бахофен не ни чул никогаш.

Овој следбеник беше Џ. Ф. Мекленан, токму спротивност на својот претходник. Наместо генијалниот мистик, овдека пред нас е сувопарен правник; наместо бујната поетска фантазија -- плаузибилните комбинации на адвокат што пледира. Макленан наоѓа кај многу диви, варварски та дури и цивилизирани народи од старо и ново време форма на склучување брак при која младоженецот сам или со своите пријатели мора навидум насилно да ја грабне невеста од шејзините роднини. Овој обичај ќе мора да е останка од еден поранешен обичај, според кој мажите од едно племе, навистина, со сила ги грабнувале своите жени однадвор, од други племиња. Та како настанал овој „брак со грабнување"?

Сѐ додека мажите можеле да си наоѓаат доволно жени во сопственото племе, за тоа немало никаков повод. Меѓутоа, мошне често наоѓаме дека кај неразвиените народи постојат извесни групи (кои околу 1865 година уште се идентификувале со племето) во чии рамки бракот бил забранет, така што мажите биле принудени своите жени да ги земаат надвор од групата; додека кај други пак постои обичај жените да се земаат само во рамките на своја сопствена група. Макленан првите ги нарекува егзогамни, а другите ендогамни, та без да му мисли констатира крута спротивност меѓу егзогамните и ендогамните „племиња". И при сѐ што неговото сопствено иследување на егзогамијата се препина на тоа дека оваа спротивност во многу ако не во повеќето или дури во сите случаи постои само во неговата претстава, сепак тој ја клава неа во основата на сета своја теорија. Егзогамните племиња, според тоа, можат да ги прибават своите жени само од други племиња; а при постоење на перманентна воена состојба меѓу племињата, соодветна на дивјаштво, тоа можело да се случи само со грабнување.

Макленан понатаму прашува: откаде овој обичај на егзогамија? Претставите за крвно роднинство и инцестот, не можеле да имаат со тоа ништо општо, тие биле работи што се развиле многу подоцна. Меѓутоа, нешто друго билo многу распространетиот кај дивјаците обичај женските деца веднаш по раѓање да ги убиваат. Со тоа настанувал вишок на мажи во секое одделно племе чија неопходна најблиска последица била неколкумина мажи заедно да поседуваат една жена: полиандријата. Последица на тоа, пак, бил фактот што се знаело која е мајката на некое дете, но не и кој е таткото: сметање на роднинство само по женска линија со исклучување на машката -- мајчинско право. А втората последица, недостиг од жени во рамките на племето -- недостиг ублажен, но не и отстранет со полиандријата -- била токму систематско насилно отимање на жени од туѓи племиња.

„Бидејќи егзогамијата и полиандријата произлегуваат од една иста причина -- од бројна нееднаквост на обата пол -- мораме да сметаме дека кај сите егзогамни раси првобитно постоела полиандријата... И поради тоа мораме да сметаме како беспорно дека кај егзогамните раси првиот роднински систем бил оној што ги признава крвните врски само од мајчинска страна" (McLennan, Studies in Ancient History, 1886. Primitive Marriage, p. 124)

Заслугата на Макленан се состои во тоа што тој укажал на општа распространетост и големо значење на она што тој го нарекува егзогамија. Тој никако не го открил фактот на егзогамните групи, а во секој случај не го разбрал. Без обѕир на преѓешните поединечни белешки кај многумина набљудувачи кои токму биле извори на Макленан, Латман ја опишал (Descriptive Ethnology, 1859) точно и правилно оваа институција кај индиските Магари!"! и рекол дека е општо распространета и дека ја наоѓаме во сите делови на светот -- место што го наводи самиот Макленан. А нашиот Морган егзогамијата исто така ја докажал и точно ја опишал уште во 1847 година во своите писма за Ирокезите (во American Review) и во 1851 година во The League of the Iroquois кај тоа племе додека, како што ќе видиме, адвокатскиот ум на Макленан овдека создал каде-каде поголема збрка отколку Бахофеновата мистичка фантазија во областа на мајчинско право. Понатамошна заслуга на Макленан е во тоа што сфатил дека сметање на потеклото според мајчинско право е првобитно, иако, како што подоцна и сам признава, во ова го преварил Бахофен. Но и овдека тој не е на јасно; тој едностојно зборува за „роднинство само по женска линија" (kinship through females only), и постојано го применува овој израз, точен за поранешно стапало од развитокот, и на подоцнежните стапала на развитокот, каде што, вистина, потеклото и наследување исклучиво се сметаат уште по женска линија, но роднинство се признава и се изразува и по машката страна. Тоа е таа ограниченост на правникот кој создава еден крут правен израз па непроменето го применува на состојби што овој израз во меѓувреме го сториле неприменлив.

При сета нејзина плаузибилност, се чини, дека теоријата на Макленан, сепак, ни на самиот автор не му се чинела одвеќе цврсто основана. Најмалку му паѓа в очи и на самиот оти било

„за одбележување дека формата на" (привидното) „грабање на (стр. 140).

И исто така:

„Чуден е фактот дека убивање на децата, колку што знаеме, никаде не се практикува систематски каде што постојат егзогамијата едно до друго и најстара форма на роднинство" (стр. 146).

Обата факта директно го бијат в лице неговиот начин на објаснување и ним тој може да им противстави само нови, уште позаплеткани хипотези. И покрај тоа неговата теорија во Англија имаше голем успех и одглас: Макленан овдека се сметаше за основач на историја на семејство и како прв авторитет во оваа област. Неговото противставување на егзогамски „племиња" наспроти ендогамски, без оглед на тоа што биле установени и одделни исклучоци и модификации, сепак си остана призната основа на владејачко гледање и стана пречка која го оневозможуваше секој слободен поглед на истражувана област, а со тоа и секој решителен чекор напред. На преценување на Макленан, влезено во обичај во Англија, а според англискиот образец и на друго место, должни сме да му го противставиме фактот дека тој со своето противставување на егзогамските „племиња" на ендогамски, кое претставува чисто недоразбирање сторил повеќе штета отколку со своите истражувања што користел.

Меѓутоа, наскоро почнаа да се јавуваат сѐ повеќе и повеќе факти што не се вклопуваат во неговите натруфани рамки. Макленан познаваше само три форми на брак: полигамија, полиандрија и единичен брак. Но кога веќе еднаш беше свртено вниманието кон ова прашање, се наоѓаа сѐ повеќе и повеќе докази дека кај неразвиените народи постоеле такви форми на брак во кои низа мажи заеднички располагале со низа жени; а Лабок („The Origin of Civilization", 1870) го признал тој групен брак (communal marriage) за историски факт. Веднаш потоа, во 1871 година, истапи Морган со нов и во многу односи решителен материјал. Тој се беше убедил дека посебниот роднински систем што важел кај Ирокезите, им е заеднички на сите пражители на Соединетите Држави, дека е, значи, распространет на цел еден континент, иако директно им противречи на стапалата на роднинство што произлегуваат од таму важечкиот систем на бракот. Тој ја склони американска сојузна влада врз основа на прашалници и табели што сам ги составил да собере информации за роднински системи на останатите народи и од добиените одговори нашол 1. дека американско-индијанскиот роднински систем важи исто така во Азија и, во нешто модифицирана форма, кај многубројни племиња во Африка и Австралија, 2. дека овој систем наполно се објаснува со формата на групниот брак кој на Хаваите и на другите австралиски острови е токму сега во изумирање; и 3. дека, меѓутоа, покрај оваа форма на брак на истите острови важи роднински систем што може да се објасни само со една уште попрвобитна, сега изумрена форма на групен брак. Собраните податоци со своите заклучоци што од нив ги извел, тој ги објави во своето дело „Systems of Consanguinity and Affinity", 1871 година и со тоа ја пренесе дебатата на една бескрајно, поопфатна област. Поаѓајќи од роднински систем, тој ги реконструира соодветните форми на семејство и со тоа му отвори нов пат на истражување и на еден далекусежен поглед наназад во предисторија на човештво. Ако се потврди овој метод, тогаш натруфена конструкција на Макленан ќе се претвори во прав.

Макленан ја бранеше своја теорија во ново издание на „Primitive Marriage" ("Studies in Ancient History", 1876). Додека сам вештачки ја комбинира историја на семејство исклучително на хипотези, тој бара од Лабок и Морган не само докази за секое нивно тврдење, туку докази толку беспорни какви што се оние што единствено се дошуштени во шкотскиот суд. И тоа го прави оној ист човек кој, од присниот однос меѓу мајчикиот брат и сестричиот син кај Германците (Tacitus, „Germania", с. 20), од Цезаровото известие дека Бритите по десет или дванаесет мажи имаат заедстчки жени, и од сите други известија на старите автори за заедништво на жени кај варварите, без колебање изведува заклучок дека кај сите тие народи владеела полиандрија. Човек би си рекол дека слуша државен обвинител кој при пригодување на своја случај може да си дозволи полна слобода, но од бранителот бара за секој збор најформален правно валиден доказ.

Групниот брак бил чиста фантазија -- тврди тој и со тоа попаѓа далеку зад Бахофен. Роднински системи кај Морган биле само прописи на ошштественa учтивост, докажани со фактот што Индијанците и странец, белец, ословуваат со брате или татко. Тоа е како кога би се сакало да се тврди дека изразите татко, мајка, брат, сестра биле обични бесмислени форми на ословување, бидејќи католичките свештеници и опатици се ословуваат исто така со татко и мајко, калуѓерите и калуѓерките, како што и слободните зидари и англиските членови на струковите здруженија на свечените заседанија се ословуваат со брате и сестро. Накусо, Макленановата одбрана беше мошне бедна.

Но остана една точка во која тој беше недопирлив. Спротивност меѓу егзогамните и ендогамните „племиња" врз која почиваше неговиот цел систем, беше не само непоколебана, туку дури беше општо призната за излезна точка на севкупна историја на семејство. Се признаваше дека Макленаниот обид да ја објасни оваа спротивност е недоволен и им противречи на фактите што ги навел самиот. Но сама спротивност, постоење на два вида самостојни и независни племиња што меѓусебно се исклучуваат, од кои едниот ВИД ги земал своите жени во рамките на племето, додека на другиот тоа му билo апсолутно забрането -- тоа се сметало за беспорно Евангелие. Споредете го, на пример, трудот на Жиро-Телон „Origines de la Famille" (1870), па дури и Лебоковиот „Origin of Civilization" (4. издание, 1882).

Овдека се надоврзува главно дело на Морган: „Ancient Society" (1877), дело кое ја чини основата на овој труд. Она што Морган во 1871 година сѐ уште нејасно го насетувал, тоа овдека сосема свесно го изложил. Ендогамија и егзогамија не претставуваат никаква спротивност; егзогамни „племиња" до сега никаде не се докажани. Но во времето кога уште владеел групниот брак -- тој по сета веројатност некогаш секаде владеел -- племето се расчленувало на низа крвнороднински по мајчина страна групи, генсови, во чии рамки владеела строга забрана на брак, така што мажите од еден генс можеле да си земаат и по правило си земале, за себе жени, навистина од племето, но задолжително надвор од своја генс. Така, ако генсот бил строго егзогамен, племето кое ја опфаќало севкупност на генсовите, исто толку билo ендогамно. Со тоа беше уништен последниот остаток од Макленановата вештачка творба.

Но Морган со тоа не се задоволи. Генсот на американски Индијанци понатаму му служеше за тоа да го стори втор решавачки чекор напред во областа што ја истражуваше. Во овој генс, организиран според мајчинско право, тој ја откри праформата од која се беше развил подоцнежниот организиран врз татковско право генс, генс што го наоѓаме кај античките културни народи. Грчкиот и римскиот генс, загатка за сите досегашни историчари, беше објаснет со помош на индијански генс и со тоа беше пронајдена нова основа за сета праисторија.

Ова повторно откритие на првобитниот генс со мајчинско право, како претходно стапало на генсот со татковско право на културни народи, за праисторија има исто значење како Дарвинова теорија на развиток за биологија и Марксова теорија за вишок на вредност за политичка економија. Тоа му овозможи на Морган да даде првпат нацрт на историја на семејство во кој претходно се утврдени во главни линии барем класични стапала на развиток, доколку тоа го дозволува денес познатиот материјал. За секого е јасно дека со тоа почнува нова епоха во разработка на праисторија. Генсот со мајчинско право стана стожер околу кој се врти сета наука; од откривање на генсот се знае во кој правец и што треба да се изучува и како треба изученото да се групира. И соодветно со тоа во оваа област сега се прават чекори напред многу побрзи отколку пред Моргановата книга.

Моргановите откритија сега се општопризнати, или поскоро присвоени и од предисторичарите во Англија. Но речиси кај ниеден од нив не се наоѓа отворено признание дека токму на Морган му благодариме за оваа револуција во погледите. Во Англија неговата книга е премолчена колку што се може, а што се однесува до самиот него работата завршува со снисходлива пофалба на неговите поранешни успеси; ревносно се пребира по подробностите на неговото излагање, а за неговите навистина големи откритија упорно се молчи. Оригинално издание на „Ancient Society" е распродадено; во Америка за такво нешто нема рентабилен врвеж; во Англија, се чини, книгата е систематски задушувана, и единственото издание на ова епохално дело што сѐ уште циркулира во трговија со книги е -- германскиот превод.

Од каде оваа воздржаност во која е тешко да не се гледа заговор на молчење, особено наспроти многубројните цитати од чиста куртоазија и другите докази на солидарност од кои вријат списи на нашите признати предисторичари? Можеби затоа што е Морган Американец, та на англиските предисторичари им е мошне мачно дека, покрај сета достојна за признание прилежност при собирање на материјалот, се упатени за општите гледишта што важат при средување и групирање на тој материјал, накусо за своите идеи, на двајца генијални странци, на Бахофен и Морган? Германец можеше уште некако и да биде по волја, но Американец? Во однос на Американците секој Англичанец стапува патриот, за што во Соединетите Држави видов интересни примери. На ова згора треба да се додаде уште тоа што Макленан, така да се рече, беше службено именуваниот основач и водач на англиска предисториска наука; што донекаде спаѓаше во предисториски бонтон да се зборува само со најголема стравопочит за неговата извештачена конструкција на историја, која води од детеубиство преку полиандрија и брак со грабање до семејство со мајчинско право; што најмалото сомнение во постоење на егзогамни и ендогамни „племиња", кои меѓусебно апсолутно се исклучуваат, се сметаше за дрска ерес; што, значи, Морган, со тоа што ги разнесе сите овие освештени догми како чад, сторил еден вид осквернување. Згора на тоа, тој ги разнесе на таков начин што требаше само да го каже па веднаш да стане очевидно; така што Макленановите почитатели, кои досега беспомошно се тетеравеја меѓу егзогамија и ендогамија, мораа речиси да се удрат со тупаница по глава и да извикаат: Како смe можеле да бидеме толку глупави и тоа сами веќе одамна да не го откриеме.

А ако овие злосторства не ќе беа доволни за да ѝ се забранеше на официјална школа секоја друга постапка освен ладното отфрлање настрана, тоа Морган ја преполни чашата, критикувајќи ја не само цивилизација, општество на стоковно производство, основна форма на нашето денешно општество, на начин што потсетува на Фурие, туку и зборува за идна преобразба на тоа општество со зборови што можел да ги каже Маркс. Затоа беше си го заслужил кога Макленан возлено му префрли дека „историскиот метод му бил сосема антипатичен" и дека господинот професор Жиро-Телон во Женева тоа го потврдил уште во 1884. Та овој ист господин Жиро-Телон уште во 1874 („Origines de la Famille") беспомошно не талкаше ли низ лавиринтот на Макленановата егзогамија, откаде мораше да го ослободи Морган!

Нема потреба овдека да навлегувам во останатите успеси за кои предисторија му благодари на Морган; во текот на мојот труд ќе се најде нужното за тоа. Четиринаесетте години што истекоа од објавување на неговото главно дело, многу го збогатија нашиот материјал за историја на човечките праопштества; кон антрополозите, патниците и професионални предисторичари се придружија споредбени правници, и донесоа делум нова граѓа, делум нови гледишта. Со тоа беше расколебана или дури отфрлена понекоја од одделни хипотези на Морган. Но никаде новособрани материјал не доведе до тоа неговите големи главни гледишта да бидат потиснати од други. Редот што го внесе тој во предисторија во главни црти важи уште и денес. Дури може да се каже дека тој ред сѐ повеќе и повеќе наоѓа општо признание во иста мера во која се настојува да се прикрие дека тој е основоположник на овој голем напредок.[3]

Лондон, 16 јуни 1891 година



Фусноти

[1] Ј. Х Диц.

[2] Во „Neue Zeit" последниот дел од реченицата гласи: шо новото издание треба да содржи тираж денес вообичаен германската социјалистичка литература, а книгите од другите области уште мошне редок".

[3] По враќање од Њујорк, во септември 1888 година, се сретнав со еден бивш член на Конгресот за изборниот округ Рочестер, кој го познавал Луис Морган. За жал, не знаеше мноту да ми раскаже за него. Морган живеел во Рочестер како приватно лице зафатен само со своите студии. Неговиот брат бил полковник и вработен во Министерство на војската во Вашингтон; со посредство на тој брат му се здало да ја заинтересира влада за своите истражувања и повеќе свои дела да издаде на државен трошок; и мојот известувач се застапувал повеќепати за таа работа додека бил член на Конгресот.