Германците биле, според Тацит, мошне многуброен народ. Приближна претстава за бројноста на одделните германски народи ни дава Цезар; тој наведува дека бројот на Узицетите и Тенктерите што се појавиле на левиот брег на Рајна изнесувал околу 180.000 души, вклучувајќи ги жените и децата. Според тоа, околу 100.000 на по еден народ,[1] што е веќе значително повеќе од, на пример, вкупниот број на Ирокезите во времето на нивниот процут, кога што тие, не достигајќи до 20.000 души, беа страв и ужас за сета земја од Големите Езера до Охајо и Потомак. Ако се обидеме да ги групираме, врз основа на извештаите, попознатите народи што биле населени близу Рајна, тогаш секој одделен народ на картата зазема просечно горе-долу простор од една пруска управна околија, значи околу 10.000 квадратни километри, или 182 географски квадратни милји. Но Germania Magna [Голема Германија] на Римјаните, која се простирала сѐ до Висла, опфаќала заокружени цифри од 500.000 квадратни километри. При просечен број на луѓето на одделните народи од 100.000 вкупниот број за Germania Magna веројатно изнесувал до пет милиони; за варварска група народи значителен број, за наши услови -- 10 души на квадратен километар или 550 на географска квадратна милја --- крајно малку. Меѓутоа, со тоа не е никако исцрпен бројот на Германците што тогаш живееле. Ние знаеме дека по должината на Карпатите, сѐ до утоката на Дунав, живееле германски народи од готско потекло --- Бастарните, Певкините и други во толку голем број што Плиниј ги сметал за петтото главно племе на Германците, и дека тие, кои веќе 180 година пред нашата ера се јавуваат во наемничка служба на македонскиот крал Персеј, уште во првите години на Августовото владеење се пробиле до околината на Едрене. Ако сметаме дека ги имало само еден милион, тогаш веројатниот број на Германците во почетокот на нашата ера бил најмалку шест милиони.
По населувањето во Германија морало население да се наголемува со сѐ поголема брзина; тоа можат да го докажат само гореспоменатите успеси на индустријата. Народите во шлезвигските мочуришта, судејќи според најдените римски пари во нив, потекнуваат од третиот век. Според тоа, во тоа време веќе постоела развиена метална и текстилна индустрија, живи трговски односи со Римската империја и извесен луксуз кај богатите -- сето тоа се траги на погусто население. Околу тоа време започнува општиот напад на Германците по целата линија на Рајна, на римскиот пограничен бедем и на Дунав, од Северно до Црно Море -- директен доказ на сѐ помногубројниот народ кој се стреми да ги прошири пределите. Триста години траела борбата, за чие време сите основни племиња на готските народи (освен скандинавските Готи и Бургундците) тргнале кон југоисток и го формирале левото крило на линијата на нападот, во чиј центар Високогерманците (Херминоните) се пробиле на горниот Дунав, а на нејзиното десно крило, долж Рајна, Искевоните, сега наречени Франци; на Инзевоните им се падна освојувањето на Британија. При крајот на петтиот век на Германците, кои се пробивале, им бил отворен патот во обессилената, бескрвна Римска империја.
Горе стоевме крај лулката на античката и римската цивилизација. Овдека стоиме крај нејзиниот сандак. Преку сите земји на Средоземното Море минувал, и тоа со столетија, нивелирачкиот струг на римското светско владеење. Таму каде што грчкиот јазик не давал отпор, сите национални јазици морале да му го отстапат местото, на расипаниот латински јазик; немало никакви национални разлики, никакви Гали, Иберци, Лигурци, Норици -- сите станале Римјани. Римската управа и римското право насекаде ги разурнале старите родовски заедници, а со тоа и последната останка од локалната и национална самостојност. Новопеченото римско граѓанство не предоставало никаква замена; тоа не изразувало никаква националност, туку само отсуство на националност. Насекаде постоеле елементи на нови нации; латинските дијалекти на разните провинции сѐ повеќе се разликувале; уште постоеле и исто така можеле да се почувствуваат природните граници, кои пред тоа Италија, Галија, Шпанија и Африка ги направиле самостојни области. Но никаде немало сила овие елементи да се спојат во нови нации; никаде немало уште ни трага од способност за развиток, сила за отпор, а да не се зборува за творечка моќ. Огромната маса луѓе на една огромна територија имала само една обединувачка врска: римската држава, а таа со текот на времето станала нивни најголем непријател и угнетувач. Провинциите го уништиле Рим; самиот Рим станал провинциски град, како и другите -- привилегиран, но повеќе не владеел, повеќе не бил средиште на императорите и на нивни намесници, кои живееле во Цариград, Трир, Милано. Римската држава станала гигантска, компликувана машина исклучително само за цицање на поданиците. Даноците, државните кулуци и давачки од разни видови ја туркале масата од населението во се подлабока немаштија; уценувањата на намесниците, даночниците и војниците го наголемувале притисокот до неиздржливост. Ете до каде довела римската држава со своето владеење: таа своето право на постоење го засновувала врз одржувањето на редот во државата и врз заштитата од варварите однадвор. Но нејзиниот ред бил полош од секој нереди варварите, од кои таа божем ги штитела граѓаните, последниве ги чекале како спасители.
Општествената состојба не била помалку очајна. Во последното време на републиката римското владеење веќе се впуштило во беспоштедна експлоатација на освоените провинции; империјата не само што не ја отстранила оваа експлоатација, туку, напротив, ја регулирала. Колку што империјата повеќе запаѓала, толку повеќе растеле даноците и давачките, толку повеќе чиновниците грабале и изнудувале. Трговијата и индустријата никогаш не биле работа на Римјаните, господарите на народите; единствено во лихварството тие надминале сѐ што било дотогаш и оттогаш. Она што тие го затекнале и го одржале од трговијата пропаднало поради чиновничкото уценување; одржаното му паѓа на источниот, на грчкиот дел од империјата, што е надвор од нашево разгледување. Општото осиромашување, назадувањето на трговските односи, опаѓањето на занаетите, на уметноста, намалувањето на населението, пропаѓањето на градовите, враќањето на земјоделството на пониско ниво -- тоа е конечниот резултат на римското светско владеење.
Земјоделството, во сиот Стар свет главна гранка на производството, повторно станало тоа повеќе од секогаш. Во Италија огромните имоти (латифундии) кои, од крајот на републиката ја заземаа речиси сета територија, се користеле на два начина: или за пасишта каде што население било заменето со овци и волови чие надгледање барало само мал број робови, или како вили (vilae) каде што маси робови се занимавале со градинарство во големи размери, делум за луксуз на сопствениците, а делум за продажба на градските пазари. Големите пасишта се одржале, дури и се прошириле; имотите на вилите и нивното градинарство пропаднале со осиромашувањето на нивните сопственици и запустувањето на градовите. Латифундиското стопанство засновано врз трудот на робовите, повеќе не било доходно; таа, меѓутоа, била единствената можна форма на крупната агрикултура. Ситното производство повторно станало единствена форма која се исплатува. Една вила по друга се распарчувале на мали парцели кои биле издавани на наследни закупци што плаќале определена сума, или на партијарите (patriarii) кои поскоро биле економи одошто закупници кои за својот труд добивале шести или дури и деветти дел од годишниот производ. Меѓутоа, овие мали парцели од ниви предимно биле давани под закуп на колоните, кои за тоа годишно плаќале определен износ или биле врзани за земјата и кои можеле да ги продадат заедно со нивните парцели: тие, вистина, не биле робови, но не биле ни слободни, ниту можеле да склучуваат брак со слободни, и нивните меѓусебни бракови не биле сметани за полноважни бракови, туку, како бракови на робови, како просто наложништво (contubernium). Тие биле претходници на средновековните крепосници.
Античкото ропство се беше изживеало. Тоа ни на село во крупната агрикултура, ни во градските мануфактури повеќе не давало приход што да си чини маката и пазарот за неговите производи исчезнал. А во ситното земјоделство и ситниот занает, на што се свело огромното производство од времето на процутот на империјата, немало место за многубројните робови. Во општеството имало место уште само за домашните и за луксузните робови на богатите. Но ропството на изумирање имало сѐ уште толку сила секој производен труд да го прикаже како ропска работа недостојна за слободните Римјани, а тоа сега биле сите. Оттука, од една страна, сѐ поголемиот број ослободени одвишни робови, а, од друга страна, растеж на бројот на колоните и пропаднатите слободни луѓе (слични на оние poor whites [сиромашни белци], на бившите робовладетелски држави во Америка). Христијанството нема никакво учество во постепеното изумирање на античкото ропство. Тоа со векови се мирело со ропството во Римската империја, а подоцна никогаш не ја попречувало трговијата со робови кај христијаните, ни кај Германците на север, ни кај Венецијанците на Средоземното Море, ниту подоцнежната трговија со Црнците.[2] Ропството повеќе не се исплатувало, затоа изумрело. Но ропството на умирање го оставило зад себе своето отровно осило во презирот кон производниот труд на слободните луѓе. Во тоа е безизлезниот ќор-сокак во кој попаднал римскиот свет; ропството било економски невозможно, трудот на слободните луѓе бил морално презиран. Првото повеќе не можело, а второто уште не беше основна форма на општественото производство. Тука можела да помогне само целосна револуција.
Состојбата не била подобра ни во провинциите. Најмногу податоци имаме за Галија. Покрај колони овдека имало уште слободни ситни селани. За да бидат обезбедени од насилството на чиновниците, судиите и лихварите, тие често се ставале под заштита, патронат, на некое моќно лице; тоа не го правеле само поединци туку и цели општини, така што во IV век императорите тоа повеќепати го забранувале. Но што им помогнала заштитата на оние што ја барале? Патронот им поставувал услови сопственоста на своите парчиња земја да ја префрлат на него, во замена за тоа тој им обезбедувал доживотно да ги користат -- итроштина која црквата ја прозрела и сесрдно ја поддржувала во IX и X век за да го наголеми царството божје и своите сопствени поседи. Вистина, тогаш, околу 475 година, бискупот Салвијан Марсељски уште негодувал против ваквата кражба и раскажува дека притисокот на римските чиновници и крупните земјосопственици станал толку неподнослив што многумина „Римјани" бегале во подрачјата што веќе ги зазеле варварите, и дека таму населените римски граѓани не се плашеле од ништо повеќе, отколку да дојдат под римска власт. Дека тогаш родителите, често поради сиромаштија, ги продавале своите деца во ропство, го потврдува законот издаден против тој акт.
За тоа што ги ослободиле Римјаните од нивната сопствена држава, германските варвари им одзеле две третини од севкупната земја и ја поделиле меѓу себе. Делбата се вршела според редот на гентилниот строј; поради малиот број освојувачи неразделени останале мошне големи области, како сопственост делум на сиот народ, а делум на одделни племиња и генсови. Во секој генс ораниците и пасиштата биле делени со жрепка на еднакви делови меѓу единични домаќинства; не знаеме дали во тоа време се вршеле преразделби, но во секој случај тие во римските провинции набргу престанале, и одделните делови станале отуѓива приватна сопственост, alod. Шумите и пасиштата останувале неподелени за заедничко користење; ова искористување, како и начинот на обработувањето на поделената земја, биле уредени врз основа на стариот обичај и решението на заедницата. Колку што генсот подолго живеел во своето село и колку што повеќе Германците и Римјаните се слевале, тоа роднинскиот карактер на врската му го отстапувал местото на територијалниот; генсот се изгубил во марката, во која, несомнено, уште често се видливи траги од роднинското потекло на членовите. Така, барем во земјите каде што ќе задржала марката -- северна Франција, Англија, Германија и Скандинавија -- гентилното уредување незабележливо се претворило во територијално уредување и со тоа се оспособило да се приспособи кон државата. Но тоа сѐ уште си го задржало самоникнатиот демократски карактер, кој го одликувал сето гентилно уредување, и така се сочувала во живот сѐ до најново време, дури во подоцнежното изнасилено изопачување, еден дел од гентилното уредување и со тоа и едно оружје во рацете на угнетените.
Ако во генсот набргу се изгубила крвната врска, тогаш тоа било последица на фактот што во племето и сиот народ, се изопачиле неговите органи, следствие на освојувањата. Знаеме дека владеењето над покорените е неспоиво со гентилниот строј. Тоа овдека го гледал што го освоиле. Но ниту можело римските маси да се примаат во гентилните тела, ниту да се владејат со помош на нив. На врвот од римските локални управни тела, кои во почетокот во голем дел и понатаму постоеле, морала да се постави замена за римската држава, а тоа можела да биде само некоја друга држава. Органите на гентилниот строј морале да се претворат во државни органи, и тоа многу брзо, зашто условите не допуштале одлагање. Меѓутоа, најблискиот претставник на освојувачкиот народ бил војсководецот. Обезбедувањето на освоената област однатре и однадвор барало јакнење на неговата власт. Бил дојден моментот за преобрнување на неговото заповедништво во кралство: тоа било извршено.
Да ја земеме франечката држава. Тука на победничкиот народ на салиските Франки му припаднале во полн посед не само опширните римски државни домени, туку и оние мошне големи земјишни делови уште неподелени меѓу поголемите и помалите покраински и маркини заедници -- особено сите поголеми шумски комплекси. Прво што направил франечкиот крал, претворувајќи се од прост врховен војсководец во вистински владетел, било оваа народна сопственост да ја претвори во кралски имот, да му ја открадне на народот и да ја дарува или даде во лено на својата дружина. Оваа дружина, првобитно негова лична воена придружба и останатите нижи воени заповедници на војската, бргу се засилувала не само со Римјани, те. со романизирани Гали, кои наскоро му станале неопходни со своето знаење да пишуваат, со своето образование, со своето познавање на романскиот говор и латинскиот литературен јазик, како и на локалното право, туку и со робови, закрепостени и ослободеници кои го сочинувале неговиот дворски персонал, а меѓу кои тој ги избирал своите љубимци. Ним им се давале делови од народната земја отпрвин повеќе како дарови, отпосле таа им се давала во форма на бенифиции во почетокот, главно, до крајот на кралевиот живот, и така за сметка на народот се создала подлога за новото благородништво.
Тоа не е сѐ. Со големите пространства на државата не можело да се владее со средствата на старото гентилно уредување; советот на старешините, доколку одамна не исчезнал, не би можел да се собира и наскоро бил заменет со постојаната кралева околина; старото народно собрание постоело и понатаму навидум, но исто така сѐ повеќе станувало само собрание на нижите заповедници на војската и новонастанатите велможи. Слободните селани што поседувале земја и што ја сочинувале масата на франечкиот народ, биле, како порано римските селани во последниот период на републиката, наполно исцрпени и разорени од вечните граѓански и освојувачки војни; овие последниве особено под Карло Велики. Оние што отпрво ја сочинувале сета војска, а по освојувањето на Франција нејзината јатка, во почетокот на IX век толку осиромашиле што одвај секој петти можел да тргне во поход. Место војската која директно ја свикувал кралот под знамето, дошла војска која се состоела од слугите на новонастанатите велможи, меѓу кои и зависни селани, потомците на оние што порано не знаеле за друг господар освен кралот, а кои уште порано не знаеле воопшто за никаков господар, дури ни за кралот. При Карловите наследници било довршено разорувањето на франечкиот селански сталеж со внатрешни војни, слабоста на кралската власт и соодветните посегања на вежможите кон кои сега се придружиле уште поставените од Карло обласни грофови, кои се стремеле своите должности да ги направат наследни, и најпосле, со упадите на Норманите. Педесет години по смртта на Карло Велики франечката држава лежела крај нозете на Норманите исто така беспомошно како што четиристотини години порано Римската империја лежеше крај нозете на Франците.
А не само надворешната бессилност, туку и внатрешниот општествен ред или, поскоро, неред бил речиси ист. Слободните франечки селани дошле во положба слична на положбата на нивните претходници, римските колони. Разорени од војни и грабежи, тие морале да се стават под заштита на велможите или црквата, зашто кралската власт била премногу слаба за да ги заштити; а оваа заштита морале скапо да ја платат. Како порано галските селани, така и тие морале на заштитникот да му ја пренесат сопственоста на своите земјишта кои од него повторно ги добивале назад во закуп во различни менливи форми, но секогаш со давање кулук и давачки; кога еднаш веќе дошле во таков вид зависност, тие постепено ја изгубиле и личната слобода; през неколку генерации тие повеќето веќе биле закрепостени. Колку брзо завршило пропаѓањето на слободниот селански сталеж покажува Ирминовата земјишна книга на опатијата Сен-Жерменде-Пре, опатија која тогаш се наоѓала близу до Париз, а сега е во него. На пространиот земјишен имот на оваа опатија, раштркан по околината, тогаш имало, уште додека бил Карло Велики, 2.788 домаќинства, без исклучок Франци со германски имиња. Меѓу нив 2080 колони, 35 лити, 220 робови и само 8 слободни закупци! Практиката која Салвијан ја нарекол безбожна, имено тоа што заштитникот на себе ја пренесувал сопственоста на земјата на селанецот а нему му ја оставал само на доживотно користење, била сега општа црковна практика со селаните. Кулуците, кои сега сѐ повеќе и повеќе влегувале во практиката, имале свој образец колку во римските ангарии, принудни работи за државата, толку и во обврските на членовите на германската марка во градбата на мостови и патишта и други заеднички цели. Така, масата од населението по четиристотини години навидум дошла пак сосема на почетокот.
Но ова докажувало само две нешта: прво, дека општественото разгранување и распределбата на сопственоста во Римската империја, која пропаѓала наполно му соодветствувале на тогашното стапало на производството во земјоделството и индустријата, дека, следствено, биле неизбежни; и, второ, дека ова стапало на производство за време на следните четиристотини години ниту суштествено опаднало ниту суштествено се покачило, та затоа со истата неопходност повторно ја создало истата распределба на сопственоста и истите класи на населението. Градот во последните столетија на Римската империја ја изгубил својата власт врз селото, а не ја повратил ни во првите векови од германското владеење. Тоа претпоставува ниско станало на развитокот како на земјоделството така и на индустријата. Оваа општа состојба произведува неопходно крупни владејачки земјосопственици и зависни ситни селани. Колку било неможно, од една страна, да му се накалеми на таквото општество римското латифундиско стопанство, а од друга страна, поновата крупна култура со кулук, докажуваат огромните експерименти на Карло Велики со прочуените царски вили кои одминале без да остават речиси ни трага. Овие експерименти ги продолжиле само манастирите, и само за нив тие биле плодотворни; но манастирите биле ненормални општествени тела кои се засновувале врз целибатот; тие можеле да даваат исклучителни резултати, но токму затоа морале да останат исклучоци.
Но сепак, за овие четиристотини години, се отишло напред. Иако ги наоѓаме речиси истите класи на крајот како на почетокот, сепак луѓето што ги формирале овие класи станале подруги. Исчезнало античкото ропство, исчезнале соголените, бедни слободни луѓе кои го презирале трудот како нешто што им прилега само на робовите. Меѓу римските колони и новиот крепосник стоел слободниот франечки селанец. Мртви и закопани биле „бескорисното сеќавање и залудната борба" на римскиот свет во пропаѓање. Општествените класи на IX век се формирале не во расипаноста на цивилизацијата на залез, туку во породилните маки на новата цивилизација. Новото поколение, како на господарите така и на слугите, било мажествено поколение во споредба со нивните римски претходници. Односот меѓу моќните земјовладелци и зависните селани, кој за последниве бил форма на пропаѓање на античкиот свет од кое немало излез, сега бил излезна точка на еден нов развиток. А потоа, колку непродуктивни да изгледаат овие четиристотини години, тие оставиле зад себеси еден голем продукт: модерните националности, ново обликување и расчленување на западноевропското човештво за историјата што доаѓаше. Германците, всушност, одново и дадоа живот на Европа, и затоа распаѓањето на државите на германскиот период заврши не со норманско-сараценските завојувања, туку со понатамошниот развиток на бенефициите и на односите на покровителство (комендација) во феудализам, и со толку огромен растеж на населението што одвај двесте години подоцна биле поднесени без штета големите крвоиспуштања на крстоносните походи.
Но какво било таинственото волшебно средство со помошта на кое Германците ѝ вдахнале нова животна сила на Европа на умирачка? Дали тоа била некоја на германското племе вродена чудотворна моќ, како што тоа го измислува нашата шовинистичка историографија? Никако. Германците биле, особено тогаш, високонадарено ариевско племе во полн разбујатен развој. Но Европа не ја подмладија нивните специфични национални особини, туку просто -- нивното варварство, нивниот гентилен строј.
Нивните лични способности, храброста, нивната слободољубивост и демократски инстинкт кој во сите јавни работи гледал свои работи, накусо, сите особини кои Римјанинот ги изгубил и кои единствени можеле да ги изградат новите држави и да поттикнат да израснат нови националности од тињата на римскиот свет -- што биле тие друго освен карактеристични црти на варварите на високото стапало, плодови на нивниот гентилен строј?
Ако Германците ја преобразувале античката форма на моногамијата, го смекнале владеењето на мажите во семејството, ѝ дале на жената повисока положба отколку што ја имала кога и да е во класичниот свет -- што ги оспособило на тоа ако не варварството, нивните гентилни навики, нивните уште живи наследства од времето на мајчинското право?
Ако тие, барем во трите најважни земји: Германија, северна Франција и Англија зачувале во феудалната држава дел од вистинскиот феудален строј во формата на марка и со тоа им дале на потчинетата класа, на селаните, дури и за време на најгрубото средновековно крепосништво, локална поврзаност и средство за отпор какво не знаеле ни античките робови ни современите пролетери -- на што се должи тоа ако не на нивното варварство, нивниот исклучително варварски начин на населување во родови?
И најпосле, ако тие можеле да ја развијат и да ја издигнат така што да стане исклучителна поблагата форма на поробување која веќе ја практикувале во татковината, во која сѐ повеќе и повеќе преоѓало ропството и во Римската империја -- форма која, како што прв забележа Фурие, на поробените им дава средство постепено да се ослободат како класа (fournit aux cultivateurs des moyens d'affranchissement collectif et progressif [им дава на земјоделците средство колективно и постепено да се ослободат] -- форма која со тоа се издига високо над ропството, при која е можно само непосредно неодложно поединечно ослободување без преодна состојба (укинување на ропството со победничко востание стариот век не познава) -- додека, всушност, крепосниците на средниот век постепено го спровеле своето ослободување како класа -- на што имаме да му заблагодариме за тоа ако не на нивното варварство, благодарение на кое тие кај себе не беа стигнале ни до развиеното ропство, ни до античкото трудово ропство, ни до источничкото домашно ропство? Сето она што Германците го влеале како животна сила и плодотворност во римскиот свет било варварството. Навистина, само варварите биле во состојба да го подмладат изнамачениот свет од цивилизацијата на залез. И највишото стапало на варварството, до кое и во кое Германците се издигнале пред преселбата на народите, било токму најповолно стапало за овој процес. Тоа појаснува сѐ.
Фусноти
[1] Овде приведениот број го потврдува едно место од Диодор за галските Келти: „Во Галија живеат многу народи со нееднаква бројност. Кај најголемите бројот на луѓето изнесува околу 200.000 души, кај најмалите 50.000 (Диодор од Сицилија, V, 25). Значи, просечно 150.000; треба да се претпостави дека одделни галски народи, со оглед на своето вишо стапало од развитокот, се безусловно помногубројни од германските.
[2] Според зборовите на бискупот Лиутпранд Кремонски, во X век во Верден, значи, во Светото германско царство, главна стопанска гранка била фабрикацијата на евнуси, кои со голема печалба ги извезувале во Шпанија за маварските хареми.